Блог

ГЛАУКОМ

Глаукомот претставува група на состојби кои предизвикуваат оштетување на оптичкиот нерв. Најчесто е поврзан со зголемен очен притисок во едното или двете очи и ако остане неоткриен и нетретиран доведува до постепено оштетување на видот и слепило. Глаукомот е втора најчеста причина за појава на слепило во светот. Може да се појави во секоја возраст, но најчесто се јавува во повозрасните групи. Видот изгубен од глауком не може да се поврати. Во случај на негово откривање, со редовните  контроли и третман се спречува или пролонгира губењето на видот и затоа, најважна е раната детекција и откривање.

Причини за појава на глауком

Најчеста причина за појава на глаукомот е зголемениот очен притисок или окуларна хипертензија. Но, има случаи на негова појава и кај пациенти со нормален очен притисок.

За да се одржи формата на окото и нормалниот очен притисок, одговорна е очната водичка која се создава во цилијарното тело на окото. Таа оди во предниот дел на окото, служи за исхрана на внатрешните делови на окото и одржување на неговата форма и се дренира надвор од окото преку еден систем наречен трабекуларна мрежа која се наоѓа во аголот што го формира ирисот со роговицата. Со рамнотежата помеѓу создавањето на очната водичка и нејзиното дренирање преку трабекуларната мрежа се одржува нормалниот очен притисок.

Кога од некоја причина ќе дојде до затворање на иридокорнеалниот агол или запушување на трабекуларната мрежа, доаѓа до намалена дренажа на очната водичка и зголемување на очниот притисок.

Овој зголемен притисок влијае на внатрешните слоеви на окото и доведува до оштетување на очниот нерв.  Тоа зголемување може да биде постепено, а може да се појави и брзо. Раната детекција и третман на зголемениот очен притисок се клучни за спречување на појавата на глауком.

Најчести причини за појава на зголемен очен притисок и глауком се:
- фамилијарна историја на глауком и наследната предиспозиција;
- болести како што се дијабетот и покачениот крвен притисок;
- повреда на окото;
- употреба на одредени медикаменти како што се кортикостероидите;
- висока кратковидост или далекувидост;
- возраст над 60 години.

Најчести симптоми на глаукомот

Најчести симптоми на глаукомот се: зголемен очен притисок, заматен вид, понекогаш црвенило на очите и очна болка, главоболка, гадење и повраќање.

Овие симптоми можат да варираат во зависност од типот на глауком. Најчестиот тип на глауком нема рани знаци за предупредување. Затоа се важни рутинските очни прегледи. Тие се единствениот начин за рана детекција на глаукомот и спречување на трајното губење на видот. Кога пациентот ќе забележи дека има губиток на видот, веќе е предоцна. Изгубениот вид не може да се врати. Најпрво се губи периферниот вид, а потоа постепено слабее централниот вид, што може да доведе до слепило.

Типови на глауком

Постојат повеќе типови на глауком од кои најважни се:

1. Глауком со отворен агол. Овој вид на глауком е најчест. Иридокорнеалниот агол овде е отворен, меѓутоа, истекувањето на очната водичка е успорено и тоа доведува до зголемување на очниот притисок. Ако изостане третманот, ќе се оштети очниот нерв и постепено ќе се изгуби видот.

2. Глауком со затворен агол. Овој вид на глауком е поредок. Овде иридокорнеалниот агол е тесен и доаѓа до придвижување на ирисот кон напред и  негово комплетно затворање. Може да се појави нагло, пропратен со симптоми како што се јака болка, изразено црвенило на окото, гадење и повраќање. Оваа состојба позната како акутен глауком претставува итна медицинска состојба која бара итен третман за да се спречи губењето на видот.

3. Нормотензивен глауком. Кај овој тип на глауком, кој што е поредок, доаѓа до оштетување на очниот нерв и намалување на видот, без притоа да има зголемен очен притисок. Причините за негова појава сеуште не се јасни, а може да бидат поради намалена перфузија на очниот нерв предизвикани од состојби кои ја нарушуваат циркулацијата.

4. Секундарен глауком. Овој вид на глауком е предизвикан од некоја друга очна остојба, повреда или болест. Може да се манифестира во форма на глауком со отворен или затворен агол.

5. Конгенитален глауком. Се јавува во најрана возраст како резултат на проблеми во развојот на окото или негова повреда.

Дијагноза на глаукомот

За дијагностицирање на глаукомот се прават повеќе испитувања.

Најосновно е мерењето на очниот притисок или тонометријата. Таа може да ни даде насоки дали има глауком и дали постои ризик за развој на глауком, но не може сама по себе да утврди негово постоење. За утврдување на глаукомот потребни се и дополнителни испитувања, како што се периметријата или испитување на видното поле, со кое се гледа дали има и кој е степенот на оштетување на периферниот вид. Понатаму се прави гониоскопија - испитување на иридокорнеалниот агол, оптичка кохерентна топографија (ОЦТ), мерење на дебелината на роговицата - пахиметрија итн.

Третман на глаукомот

Глаукомот е болест која сеуште не може да се излечи. Меѓутоа, со  терапија и редовни контроли, таа успешно може да се контролира. Третманот на глаукомот се состои од локална терапија во вид на капки кои имаат дејство на зголемување на дренажата на очната водичка или намалување на нејзиното создавање. Овие капки може да се даваат поединечно или комбинирано. Доколку и покрај терапијата очниот притисок не паѓа и има прогресија на глаукомот, може да се пристапи кон хируршки третман на глаукомот или селективна ласер трабекулопластика.

Најважен третман на глаукомот е превенцијата односно откривање на болеста пред да предизвика сериозно оштетување на видот. Затоа, редовните очни прегледи, дури и тогаш кога видот е нормален, се есенцијални за раното откривање на глаукомот.